Пред 103 години, на 19 октомври 1917 година, на Мокра Планина (денес во Албанија) крај Струга, во борба со силите на Антантата, претежно составени од француски и српски војски, животот го губи капетанот Христо Лазаров Брдаров, командир на 2-ра чета на 19-ти пешадиски Шуменски полк. Навидум една обична, навистина херојска, но често видувана смрт на бугарски офицер паднат во борбите за ослободување и обединување на бугарскиот народ. Но, народот во охридско и струшко не мислел така, па неговата смрт ја опеал во една трагична песна, сочувана до денешен ден во колективната меморија на населението од тој крај.

„В Струга ме отведете,
Там ме погребете,
И надпис над мен турете
Кой мине да чете:

„Че тук почива капитан
Христо Бърдаров,
от първа картечна рота,
деветнайстий пехотен полк.“

Кој е “капитан“ Брдаров? Роден во 1890 година во Разград, Бугарија, во патриотско семејство, од млади години стапува на служба на татковината, во бугарските воени сили и прави зашеметувачка кариера: во 1912 година произведен е во чин подпоручник, на 2 август 1915 година поручник, на 18 септември 1917 година капетан, на 20 октомври 1917 година посмртно е произведен во чин мајор на бугарската армија. Одликуван е со Орден за храброст од бугарскиот цар Фердинанд и Железен крст за храброст од германскиот кајзер Вилхелм. За охриѓани тој останува засекогаш „капитан“ Брдаров, славен и опеан во песната за него, како бранител и закрилник на народот од тој крај. Во времето на смртта имал само 27 години, но неговата ролја во одбраната на Македонија е неспорна.

Брдаров е првиот офицер на организираната бугарска армија во тој регион со кого се среќаваат охриѓани. Претходно, народот во охридско и дебарско под раководството на ВМРО и албанските борбени единици се бори против српската армија во Охридско-Дебарското востание, но тоа е борба на домашните патриоти против српската окупација на територијата и народот кои тие го сметаат за свој.

20 октомври 1917 година е траурен ден за населението од охридско. Тогаш, во дворот на црквата “Св. Георги“ во Струга, со воени почести и присуство на огромна маса народ, извршено е погребението на херојот.

Ако судбината во животот му била и херојска и трагична, посмртието му е навистина трагично. Неговиот гроб во дворот на црквата останува неѓибнат се до 1944 година, а народот секогаш на денот на гибелта му прави панахида. Дури и српските окупациони власти во периодот од 1918 година па се до 1941 година не ги забраниле чествувањата, одавајќи почест на мртвиот противник и херој во борбите против нив. Затоа пак, македонистите-србокомунистите во 1944 година го растураат неговиот гроб, ги забрануваат панахидите, а надгробната плоча и земните останки на херојот ги фрлаат незнајно каде. Но против легендата никој не може да се бори, а песната за него и до денес се пее низ охридските кафеани и домови, на сите семејни веселби.

Во новото време, неуморниот Крсте од Завој и младиот Томе Блажевски, заедно со организаторот Јован Шикоски од Велгошти и група охриѓани, секоја година, како и оваа година, му прават панахида на капитан Брдаров во црквата во Струга, пеејки ја песната за него. Многупати сум ја слушал низ охридско, но од сите најубаво ја пее пријателот на Крсте, стариот Димче, секогаш сам со својата виолина. Димче е веројатно последниот последовател на Садило и старите охридски трубадури, а неговата интерпретација ја доловува трагичната судбина, не само на паднатиот херој, туку трагедијата на покорениот народ кој го загубил својот закрилник.

Добро би било кога охриѓани со Димчета и со својата песна да го испратат нашиот премиер Заев на неговата следна средба со Бојко Борисов, но најдобро би било да појдат таму и со својата песна да ги прчекаат двајцата премиери на влезот на Дондуков, во премиерските канцеларии. Така, и на премиерите, но и на насобраниот народ ќе им биде по јасно за што станува збор во македонско – бугарските односи…така, смртта на Капетанот ќе го има своето најголемо признание.

Автор: Владимир Перев

Предишна статияНово послание на ангела Ханс, 19.11.2020
Следваща статияДимитър Фочеров Анакиев,  ЗА МАКЕДОНИЗМА